Остварени улоги на Васка Гајдова на сцената на МАКЕДОНСКАТА О П Е Р А

 

Кралицата на ноќта– во операта „Волшебна флејта“ од Волфганг Амадеус Моцарт

 Каролина– во операта „Таен брак“ од Доменико Чимароза

 Констанца– во операта „Грабнување од сарајот“ од Волфганг Амадеус Моцарт

 Керубин– во операта “Свадбата на Фигаро“од Волфганг Амадеус Моцарт

 Розина– во операта „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини

 Лучија– во операта „Лучија ди Ламермур“ од Гаетано Доницети

 Марта– во операта „Марта“ од Фридрих фон Флотов

 Џилда– во операта „Риголето“ од Џузепе Верди

 Пажот– во операта „Бал под маски“ од Џузепе Верди

 Амор– во операта „Орфеј“ од Кристоф Вилибалд Глук

 Олимпија– во операта „Хофманови приказни“ од Жак Офенбах

 Адина– во операта „Љубовен напиток“ од Гаетано Доницети

 Фјордилиџи– од операта „Така прават сите“ од Волфганг Амадеус Моцарт

 Учителката– во операта „Алберт Херинг“ од Бенџамин Бритн

Vaska Gajdova-фотографии од нејзините средношколски и студентски денови

Како ученичка во средното музичко училиште

Од студентските денови во Виена

Фимчо Муратовски за Васка Гајдова

НА РАЗДЕЛУВАЊЕ….

„ Боже! Таа пее како божица“

(Искажување на еден музичар,

Присутен на дипломскиот испит

На Васка Биџова Гајдова на

Виенската музичка академија)

Уште еден уметник од малубројната група на основачите и први солисти на Операта на Македонскиот народен театар ја напушта оперската сцена. По три децении предана уметничка работа, по силата на нејзиниот незапирлив ток на животот и вечната промена што ја носи, тој се разделува од својата верна публика Васка Биџова-Гајдова. Во текот на овие изминати години, со чудесната убавина на својот глас, таа знаеше да го запре здивот на оние кои ја слушаа, да измами од нас френетичен аплауз, бура од воодушевување, но и тажна воздишка, па и по некоја скриена солза, тивко и скришно избришана во темнината на замрачениот салон.

Низ целиот свој, за жал, краткотраен уметнички век, со магичната сила на својот глас, Васка не отргнуваше од секојдневието и не пренесување во еден друг по благороден свет во кој љубовта и омразата, радоста и страдањето, среќата и тагата-се тоа престанува со спуштањето на завесата. Останува само чувството на задоволство, на исполнетост и благодарност и ехото на нејзиниот глас. Живеевме и сочувствувавме со нејзините херои на сцената. Од вечер во вечер, цели 30 години, како Адина, Марта, Фјордилиџи, Констанца, Васка, штедро не дарување со богати дарови на својот раскошен глас.

Во тоа лежи големината и исклучителноста на феноменот на нејзината уметност. Само со силата на својот глас, кој неодоливо плени, со неговата убавина во апсолутна смисла на зборот, без некакви други помошни средства, овој необично скромен уметник знаеше  и можеше непогрешливо и точно, во една широка скала на разноликости, да ги предаде и најсуптилните чувства на духовниот свет на своите херои, психолошки верно и вистинито да ги прикаже и оцрта и најсложените драмски ситуации, односи и конфликти: од демонската сила властната Кралица на ноќта, преку љубовта и саможртвата на Џилда, до кокетноста и каприциозноста на Розина и трагиката на поматената свест на Лучија. Овој четвороаголник, кој наедно претставува креативен врв во галеријата остварени ликови на оперската сцена, претставува огледало како на творечките можности и дострели, така и на богатството и способноста за трансформирање на емоцијалниот  свет на овој уметник. Но, да им оставиме на  музиколозите и историчарите да прават анализи и да даваат оценки за придонесот на В. Биџова-Гајдова и на нејзините колеги во развојот на оперското дело кај нас, а ние да се вратиме на поводот за овој мал напис.

На уметноста на В.Биџова-Гајдова и се туѓи примадонството, надворешниот блесок и театралната парадност. Таа се предава на своето пеење со една детска чистота, искреност и спонтаност, обземена од радоста и срќата на творењето. И затоа можеше и умееше таа радост да ја пренесе и сподели со публиката.

Музиката и љубовта кон песната уште во раната младост ја привлекуваат да пее во разни хорови. Меѓутоа никој во скромната млада хористка, која по завршувашњето на матурата се потготвуваше да се посвети на учителскиот позив, неможеше да ја согледа и насети идната оперска певица. Па сепак, еден човек можеби придонесе за пресвртницата во нејзиниот живот.

Кога по една успешно отпеана мала соло партија во неговиот хор, нашиот истакнат музички педагог, хорски диригент и композитор Стефан Гајдов и советува да се определи и да почне да учи пеење, таа без двоумење го прифаќа неговиот предлог. („Тој ми го зеде позивот за назначување на учителка, а во тие први денови по ослободувањето, знаете, учителите беа многу потребни, и ми рече-Васке ти неси за учителка ти треба да учиш пеење. И јас го послушав неговиот совет“). Така почнуваат годините на макотрпна работа. Од нејзините први учители по пеење Илија Џувалековски и Петре Богданов-Кочко, а подоцна од извесната мадам Кунели, која одигра значајна улога во вокалното оформување на низа наши истакнати пејачи по ослободувањето, Васка ги учи тајните на најтаинствениот занает од сите занаети во музиката-пеењето. Круна на тие напори е завршувањето со одличен успех на музичката академија во Виена, во класата на истакнатиот педагог Марија Брант. Скромна и мала стипендија, но со многу лишувања и неостварени желби, В.Биџова-Гајдова ја завршува комплетната шест годишна наставна програма и блескаво го дава дипломскиот испит.

Малата студентка од далечната, непозната и затоа по малку егзотична земја од југот на Балканот, го свртува вниманието на строгите професори на прочуената и реномирана музичка институција во Виена.

Збунетиот ново печен академец добива многу бројни признанија и ласкави оценки од присутниот аудиториум и испитната комисија и предлози за ангажман и останување во Виена. („Знаете, имав трема на испитот. Знаев дека стариот професор Ханс Ситнер, ќе побара да ја испеам “Месечина“ од Шуман-неговата омилена испитна задача која ја даваше на сите студенти. Така и се случи. По испитот, тој остана многу задоволен, а проф. Карбаш, еден од членовите на комисијата тогаш ми рече: (Вие треба да останете во Виена, зошто вашиот глас е како брилијант – тој е за големи сцени“).

Од првиот јавен настап на оперската сцена во улогата Кралицата на ноќта во операта „Волшебна флејта“ од В.А. Моцарт, под диригенство на Тодор Скаловски до денес, поминаа близу три децении. Се нижеа представа по представа, улога по улога, цел еден творечки век посветен на сцената. Работата со големиот мајстор на диригентската палка Ловро Матачиќ, како и со други диригенти и режисери, придонесуваат за растежот и уметничкото создревање на младиот уметник. Нејзиниот глас, чист како кристал, во творечки најзрелите години, достигнува во височина до феноменалното аз-недостижен сон за колоратурните сопрани.

Во една прилика Л.Матачиќ, навраќајќи се во сеќавањата на деновите поминати во нашата опера, на авторот на овие редови му призна: „Меѓу пејачите многу,многу ретко се раѓаат, гласови како Васка“. Констанца во „Грабнување од сарајот“ , Адина во „Љубовен напиток“ , Марта во истоимената опера, Олимпија во „Ховмановите приказни“, Керубин во „Свадбата на Фигаро“, покрај погоре набројаните четири улоги: Кралицата на ноќта во „ Волшебна флејта“, Џилда во „Риголето“, Розина во „Севилскиот берберин“, и „Лучија ди Ламермур“, -тоа се најценетите и најкомплетните остварувања во уметничката кариера на В.Биџова.Гајдова. Хроничарот кој педантно го следел музичкиот живот и настаните во него , ќе ги евидентира многубројните настапи на концертниот подиум, гостувањата во речиси сите југословенски музички центри и надвор од границите на нашата земја – во Авсртија и Бугарија, ќе ги обележи признанијата на благодарната публика и високите оценки на стручната критика. („Потребни ви се критики од моите настапи . О, знаете, сега многу малку ги имам. Порано сите ми беа собрани и ги чував во едно мало куферче, а тоа ми исчезна во земјотресот. Скоро нисто не ми остана. Нема сто да ме потсетува на изминатите денови кога ке бидам во пензија.“). И така хроничарот ќе мора да чепка во архивите и по правливите стари комплетни весници, ако сака нешто повеќе да дознае за еден од најинтензивните творечки периоди во уметничката работа на Васка.

Но затоа без многу напори и мака, тој истиот хроничар ќе можи да утврди дека меѓу повеќето добиени признанија, секако назначајна е наградата „11 Октомври“ добиена во 1974 година за успешно остварување на улогата на Џилда во операта „Риголето“ од Ѓ Верди. Но и тоа спаѓа во доменот на хрониката и историјата.

За нас останува реалното и по малку суровото сознание дека оваа вечер од нас, од нејзината многубројна и верна публика, на залезот на својата кариера В.Биџова-Гајдова официјално се простува.

Прифаќајки ја оваа реалност, во овие моменти на славје и разделба, истовремено во секој од нас како да постои скриена желба: Уште еднаш, уште повеќе пати, макар да ѓи насетиме доживеаните неповторливи моменти од средбите со овој уметник. Годините, напорната работа, успесите, животните искушенија, како да не ја променија Васка.Таа си остана истиот тивок и скромен човек, трудољубив и совестен работник, примерна мајка и сопруга и одличен другар и колега, секогаш готов да помогне и да подаде рака. Полните сали, возбудените очи вперени кон сцената, дланките кои болат од ракоплескање и сеќавањата на генерации љубители на оперската уметност се доказ дека уметничката дејност на В.Биџова-Гајдова остави трајни траги во историјата за нашиот оперски театар. Кога по оваа претстава како по којзнае пат ќе згаснат рефлекторите на сцената, Васка може спокојно да здивне и во своите најинтимни мигови, со поглед свртен кон минатото да си каже дека чесно го исполнила својот човечки, уметнички и општенствен долг према својата публика.

А ние од срце да и посакаме уште долги години здравје и живот за да можеме, гледајќи ја во нашата средина, да се навраќаме во нашите сеќавања на оние мигови на радост, на возбуда кога не покоруваше нејзиниот волшебен глас.

И како што во сеќавањата на милиони љубители на оперската уметност ширум целиот свет постојано се присутни имињата на Ѓауров, Тебалди, Тито Скипа, дел Монако и други великани на пејаниот збор, така и во нашата средина името на В.Биџова-Гајдова, како и имињата на многу други нејзини колеги и истакнати вокални уметници ќе остане трајно запишано во историјата на нашата музичка култура.

Генерации кои ја имаа таа можност и среќа да ја чујат на сцената, и ние, нејзините колеги и соработници, со чувство на гордост и благодарност ќе раскажуваме на своите помлади колеѓи, пријатели, блиски, синови: „Ех да знаеш…. да можеше да ја чуеш… таа беше чудно убав глас…. таа пееше како… птица.

Фимчо Муратовски

( Почитувани,

на мислење бевме и останавме убедени, дека во врска со уметничката кариера на г-ѓа Васка Гајдова, покрај многуте сведоштва што ќе бидат презентирани во оваа приказна, силно и уверливо зборува беседата на ценетиот диригент, маестро г-дин Фимчо Муратовски, објавена по повод нејзиното повлекувањето од оперската сцена во 1978 година.)

Васка Гајдова (Vaska Gajdova)-Целосна посветеност на уметноста!

Почитувани, на почеток се наметнува потребата  да посочиме на неколку аспекти кои не потикнаа да зборуваме за г-ѓа Васка Гајдова.

Прво ќе ја потенцираме несекојдневноста на потфатот, односно претставувањето на уметничкиот опус на еден од основоположниците на Македонската опера.

Со самото истакнување на првите денови на Македонската опера, важноста на личностите кои се појавија (како уметници-солисти) е од огромно значење. Тие на македонскиот народ му овозможија остварување на една уметност која денес прераснува во своевидна историја.

Оттаму, цениме дека е важно за развојот на оперската музика во Македонија, да ја портретираме и уметноста на овој редок уметник, колоратурниот сопран Васка Гајдова.

Од непроценливо значење е појавата на ова наше име за развојот на операта на овие простори. Со уметничките дострели, нејзини и на уште неколку колеги, еден народ се стекнува со цивилизациска вредност. Со моќниот потенцијал на класичната музика која може да биде разбрана, почувствувана, доживеана од многу луѓе од целиот свет, без разлика на на нивната етничка, религиозна или расна припадност, да го земеме за пример големиот Верди и неговите дела кои се изведуваат во целиот свет.

Создавањето на операта и нејзиниот развој во Македонија, овозможи и македонскиот народ да се вклучи на едно повисоко ниво на цивилизациско себе-потврдување на сопствената колективна креативност. Тој со ова се вклучува во групата на народи кои имаат капицитет да овозможат услови за создавање и развој на оваа уметност и соодветно на тоа продуцирање на кавалитетни уметници.

Еден од тие исклучителни уметници во тоа време претставува и г-ѓа Васка Гајдова, нејзиниот високо изразен квалитет во оствaрувањето на улогите кои и соодветствуваа на гласот и овозможија да остави силен впечаток.

Кога ќе направиме едно заокружување на уметничкиот пат, од студиите во Виена, па се до бројни настапи во улогите на најпопуларните оперски дела, таа суштествено се вгради во темелот на Македонската опера.

Затоа, тргнувајќи од сето ова, добивме силно убедување, дека е неопходно да го документираме придонесот на овој уметник, не толку за него (затоа што таа остварувајќи се себеси преку својата кариера ја достигна својата цел), колку за нашата музичка јавност, за новите генерации млади уметници на кои овој натпис (блог) ќе и им зборува за една целосна предаденост на уметноста, што би требало да биде пример и за нив понатаму.

портрет на старата зграда на Македонскиот Народен Театар 


Васка Биџова Гајдова (Vaska Bidjova Gajdova)-колоратурен сопран

Васка Б. Гајдова, колоратурен сопран, член и еден од основополжниците на Македонската Опера и Балет (МОБ)

( во улогата на Розина од оп. „Севилскиот бербер“, од Џоакино Росини)